Млади лидери – Наталија Рунчева, Универзал Медиа Скопје: Успехот е неизбежен таму каде иновациите се спојуваат со искуството

Naslovna-750x375

Агенциите дефинитивно треба да им дадат приоритет на тимовите кои се состојат од млади луѓе, од една, и етаблирани експерти од друга страна.

Наталија Рунчева е раководител на дигиталниот оддел на агенцијата Универзал Медиа Скопје. Таа ѝ се придружи на агенцијата пред повеќе од две години како менаџер за дигитално огласување. Има работено на сите постоечки и потенцијални клиенти на агенцијата, вклучувајќи ги и компаниите The Coca-Cola Company, Vip, Пивара Скопје, L’Oreal, DFI… Пред да се приклучи на тимот на Универзал Медиа Скопје, таа имала можност да работи на РРС огласување за неколку стартап компании од Силиконската долина, а била дел и од регионална фондација за иновации и развој на стартап компании во Македонија. Дипломирала филологија и магистрирала бизнис администрација на Универзитетот Френклин, како дел од втората генерација на стипендисти од Македонија. Беше дел од голем број интерни и меѓународни обуки и стана прв и единствен амбасадор на Facebook за македонскиот пазар. Оваа титула ја доби по посетата на првата интерна обука за агенции од нашиот регион во седиштето на Facebook во Даблин минатата година.

ММ: Како започна твојата приказна во комуникациската индустрија?

Наталија Рунчева: Првата улога што некогаш сум ја имала во оваа индустрија беше координатор за комуникации во рамките на една од фондациите за претприемништво и иновации со седиште во Скопје. Организирањето регионални стартап настани и тесната соработка со младите претприемачки умови од регионот ги проширија моите хоризонти и го зголемија мојот интерес за технологијата. Многу наскоро почнав да посетувам онлајн и офлајн курсеви за дигитален маркетинг во слободно време. Кога почнав да работам со реклами на Google и Facebook, сфатив дека дигиталното огласување е идеалното занимање што ги соединува сите мои вештини и страсти.

ММ: Твојот напредок во агенцијата Универзал Медиа Скопје беше неверојатно брз. Како на твои години успеа да постигнеш таква доверба кај надредените и која е магичната состојка на твојот успех во работата?

Наталија Рунчева: Успехот никогаш не зависи од еден фактор, туку е комбинација од неколку. Јас би рекла: тајминг + ентузијазам + напорна работа + вистинска можност + предизвикувачки проекти + поддршка од вистинските луѓе (како на работа, така и дома) = успех. Трите клучни човечки фактори би биле: вашата индивидуална решеност да се посветите и да го фокусирате сиот труд кон работата, разбирањето од страна на вашите најблиски за жртвувањето што ќе треба да се направи за да се постигне успех и, за крај, поддршката на вашите претпоставени кои ќе го препознаат вашиот потенцијал и ќе ви пружат поттик во моментот кога тоа ви е најпотребно. Годините секако имаат огромна улога во забрзување на работите. Младите луѓе кои веќе го откриле својот вистински повик можат да бидат навистина незапирливи во остварувањето на своите соништа. Тие не се врзуваат за работно место што не нуди долгорочен просперитет – свесни се дека немаат што да изгубат ако ја променат компанијата за која работат во потрага по својот пат кон себе-реализација. И на крај, се чини дека дури и среќата е на страната на решениот ум кој знае точно што сака :).

ММ: Кој е најголемиот предизвик на вашата позиција како раководител на одделот за дигитално огласување на најголемата специјализирана медиска агенција во Македонија?

Наталија Рунчева: Останувањето на една иста позиција подолго време може лесно да ве воведе во комфорна зона. За среќа, работите во мојата работна средина се премногу динамични за да се случи тоа. Својата кариера во Универзал Медиа Скопје ја започнав како one-(wo)man show, работев на многу различни проекти и промената ја прифатив како единствена константа. Поради тоа, воопшто не стравувам дека еден ден ќе ми биде преудобно – веројатно никогаш нема да стигнам до таа комфорна зона. Меѓутоа, она што ја прави најголемата разлика меѓу членувањето во еден тим и менаџирањето на истиот е тоа што сега на прво место се членовите на тимот. Повеќе не станува збор за тоа дали самиот сте подготвен да ги поместите границите на вашите способности за да фатите некој прекраток рок, туку дали истото би го барале од членовите на вашиот тим. Мојот сегашен тим е навистина неверојатен – многу мал, но многу продуктивен и позитивен (дури и во петок, кога работите обично се надвор од контрола J). Со обемот на работа и стресот се справуваме на најчовечкиот можен начин – комуницираме и искрено разговараме за тоа колку е максимумот на еден поединец и кога друг член на тимот треба да се вклучи и да понесе дел од товарот. Пресреќна сум што не постои хиерархиска бариера помеѓу нас и секој може да го сподели своето мислење без воздржување. Меѓусебно ги споделуваме и маките и победите и знаењето.

ММ: Кои се вашите најголеми предизвици во однос на клиентите?

Наталија Рунчева: Еден од најголемите предизвици што постојано се провлекува е недостатокот на официјална локална статистика и податоци за онлајн мерења. Ова е особено болно за светските брендови кои меѓу другото работат и на некои од најразвиените пазари во светот. Преку редовно спроведување на наши интерни истражувања за употребата на интернетот, како што е истражувањето во рамките на проектот Wave X, успеваме дополнително да го поддржиме нашиот процес на медиско планирање со релевантни податоци и анализа. Покрај ова, постојат и предизвици кои произлегуваат од нивото на знаење за тоа што дигиталното рекламирање може да придонесе за секој клиент. Некои од нашите клиенти не се доволно запознаени со онлајн огласувањето, па предизвик е да им се доловат основните принципи и важноста на активното присуство на социјалните мрежи и на веб воопшто. Некои други клиенти, пак, имаат далеку понапредни знаења во оваа област бидејќи веќе имале искуство на останатите пазари. Главниот предизвик со нив е да се објаснат ограничувањата на релативно малите пазари, како што се Македонија и Косово.

ММ: Како успевате да го привлечете вниманието на корисниците за само неколку секунди колку што имате на располагање? Која е суштината на пристапот според кој се води вашиот тим?

Наталија Рунчева: Вниманието на дигиталните корисници значително се намалува од година во година, а вистинскиот пристап за решавање на овој предизвик е персонализирана комуникација прилагодена на контекстот. Ова значи дека различните сегменти од истата целна група мора да се придобијат со различна комуникација, во зависност од контекстот во кој се појавува рекламата, како и уредот што се користи во тој момент. Благодарение на овој тип на таргетирање, огласот навистина одекнува кај публиката, притоа зголемувајќи ја интеракцијата и сеќавањето на пораката од огласот. Покрај тоа, содржината треба да ја визуелизира и испорача клучната порака на брендот во првите неколку секунди од рекламата за притоа да го привлече вниманието дури и на оние корисници кои губат интерес многу порано. Од гледна точка на медиски закуп, нашиот тим секогаш се обидува да го пронајде најсоодветниот онлајн микс на канали за дистрибуција, имајќи ја предвид целната публика и содржината што креативниот оддел може да ја обезбеди.

ММ: Што е тоа што вие младите го придонесувате во комуникациската индустрија? Дали сте похрабри, послободни да ги искажете сите идеи за разлика од генерациите пред вас?

Наталија Рунчева: Предноста на помладите генерации е во тоа што тие се дигитални домородци, родени во овој пребрз нов свет каде има премногу информации и премалку внимание. Младите не мораат дополнително да се прилагодат на овој свет, бидејќи тоа е единствениот за кој знаат. Тие немаат навика да играат на сигурно, бидејќи сè околу нив постојано се менува и учат низ практична примена. Младите експерти за комуникација на индустријата ѝ носат динамика и иновативни пристапи, бидејќи и тие самите по природа се рани корисници на нови технологии и не се плашат да тестираат нови работи. Ова ги прави движечка сила која ги води агенциите кон нови победи во однос на освојување на новостекнатите навики на потрошувачите кои брзо се менуваат. Агенциите дефинитивно треба да им дадат приоритет на тимовите кои се состојат од млади луѓе, од една, и етаблирани експерти од друга страна. Успехот е неизбежен таму каде иновациите се спојуваат со искуството.

ММ: Дали им препорачувате на вашите врсници да се придружат кон комуникациската индустрија во Македонија или е подобро да побараат некоја подобра професија?

Наталија Рунчева: Секој кој има многу креативни идеи, ги разбира онлајн медиумите и просперира во динамична култура на работа, би бил добар фит за комуникациската индустрија. Нема сомнение дека помладите генерации имаат многу поголема склоност да бидат успешни во оваа професија. Всушност, повеќето од моите врсници веќе работат или неодамна се префрлија на слични работни места. Дополнително, сведоци сме на појавата на многу онлајн заедници кои се фокусираат на градење соработка помеѓу постоечките професионалци за дигитален маркетинг во Македонија. Ова е доказ дека локалното воспоставување на оваа професија во следните години ќе биде во полн замав. Јас лично би ја препорачала оваа индустрија на сите амбициозни и напредни млади луѓе кои сакаат да го постигнат максимумот од она што им го нуди иднината.

ММ: Како ја замислуваш иднината на медиумите?

Наталија Рунчева: Масовните медиуми полека, но сигурно стануваат дел од минатото. Новата публика е поиндивидуална и поразновидна од кога било досега и ова бара поспецифичен пристап во комуникацијата и комбинацијата на канали за дистрибуција. Денешната публика е почувствителна за прашања поврзани со приватноста и довербата, што ја прави уште попребирлива кога станува збор за изборот на социјални мрежи. Дури и гигантите, како што се Facebook и Google, ризикуваат да изгубат голем дел од корисничката база, бидејќи не ја сфаќаат сериозно нивната потреба за приватност. Луѓето исто така стануваат сѐ посвесни за огромното време што го поминуваат на Интернет и постои јасна тенденција да се извлече максимумот од мрежите што ќе одберат да ги користат за што е можно помалку време. На долг рок, најголемите медиумски играчи ќе бидат оние кои најдобро ќе ја разберат потребата на корисникот кој го цени своето време. Пренесувањето на бренд пораката до што поголем процент од целната група наскоро ќе бара вклучување на многу повеќе комуникациски канали во медиумскиот микс со цел да се постигне ефективен досег.

ММ: Која е твојата најголема страст надвор од агенцискиот живот?

Наталија Рунчева: Секогаш кога сум офлајн се трудам да ја фокусирам енергијата на релаксирање и поминување на квалитетно време настрана од екранот. Се трудам да останам во форма и да бидам физички активна. Сè од шетање низ градскиот парк, до трчање или искачување на Водно, се наоѓа на мојата листа. Поврзувањето со природата знае да има силно смирувачко дејство по брзото темпо на работните денови поминати во агенцијата. Дел од мојот приватен живот се и книгите за психологија, самоподобрување и безвременско знаење. Тие ми помагаат да го разбијам купот на “инстант застарувачки” информации што медиумите секојдневно ни ги сервираат и да го задржам фокусот на мојата животна мисија – да станам подобра верзија на себе.